Monday, October 11, 2010

НОВИТЕ АРХИТЕКТОНСКИ ИНТЕРВЕНЦИИ ВО ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ СРЕДИНИ




Традиционалните градови наспроти современите мегаструктури.

Да се најдеш во срцето на еден стар град, во град кој се создавал со векови, постепено, капка по капка, човек по човек, живот по живот, спомен по спомен, значи да се најдеш во еден кондензиран свет не многу различен од природните и сложени микро и макро светови.

За разлика од современите градови каде царуваат моторните возила, а обликот и големината на улиците им се покоруваат на нивното движење, во традиционалниот град се е подредено на човекот. Градот е антропоморфен. Тој со векови, милениуми се создавал постепено, сукцесивно, исто како дијамантот, специјално за човекот и од човекот.
Во современиот урбанизам нештата настануваат инстантно, одеднаш, низ истоветни и ограничувачки образци.
Старите градови се совршениот учител за урбанистите и архитектите бидеќи во нив е вткаена милениумска традиција која постепено се усовршувала и прилагодувала на потребите на луѓето. Нивната структура воодушевува како што воодушевува фракталната структура на листот или било која друга органска творба, ставени и видени под микроскоп.




Македонските градови вобичаено настанувале на ридови и тоа од повеке причини. Прво, конфигурацијата на ридот овозможувала владеење и увид на целиот простор наоколу, впивајки го внатре во себе, а истовремено овозможувајки поголем контакт со неговата околина, воздухот и сонцето. Второ, економично постигнување на поголема густина и трето, во рамнината не се градело со цел обезбедување на плодна земја, а населувањето настанувало на најблиското возвишение. На овој начин во текот на многу векови се развивале македонските градови

Нивната големина за разлика од современите дефрагментирани мегаградови е човекомерна, така што кога се наближувате кон градот, се добива една целовита слика за него, тој има јасен фигурален карактер, целиот град со неговите поединечни делови го гледате наеднаш. идентификацијата со него е неминовна. Секоја куќа си го добива своето место во тој вековен асемблаж.








Влегувањето и движењето низ еден стар град во вистинска смисла на зборот подразбира влегување во внатрешен простор, многу слично на чувството на влегувањето во својот сопствен дом каде што одеднаш паѓаат сите психолошки лушпи. Ваквото искусување на градот уште еднаш се должи на на неговиот човекомерен карактер и начинот на кој се обликувани и материјализирани улиците. Фронтот на улиците се движи околу 5 метри што соодетсвува на големината на една соба. Додека се разгледува попречниот профил на улицата исто така ке се заклучи дека таа претсавува повеке затворен отколку отворен простор. Тоа се должи да постепено еркерно испуштење на катовите од куќите кои заедно со своите фасадни површини со органските текстури и камена подлога го завиткуваат минувачот. За разлика од современите градови каде човекот се губи во застрашувачки долгите улици, каде со најголемиот дел од нив владеат брзите и бучни моторни возила кои испуштаат штетни и заморувачки гасови, вештачките материјали воопшто не му будат на човекот пријатни чувства, камоли да предизвикаат тој да стапи во директен контакт со нив, за разлика од нив во традиционалните градови органските природни материјали, со секогаш различни и неповторливи текстури секогаш ке создаваат пријатни чувства па дури ке повикуваат на и директен контакт со нив. (на пр. на плоштадот Кампо во Сиена, кој е поплочен со тула и денеска лугето седат и лежат на подот.








Дисконтинуитет во развитокот на традиционалните македонски градови и нивната архитектура

Во последните неколку децении новите архитектоски интервенции во традиционалните средини многу отскокнуват по начинот на кој тие се просторно организирани, видовите на употребени материјал и конструктивна логика, воопшто непочитувајки го својот контекст, а уште помалку принципите на кој се развивала традиционалната македонска куќа, Од друга пак страна непочитувајки го идентитетот на автентично просторното конфигурирање на традиционалниот град како и етичките правила што постоеле во минатото. Во последно време се појавија некои тенденции, а ми се чини и некои законски прописи во традиционалните средини каде се насочува внимание само на надворешниот изглед на новите објектите така што тие би потсетувале на старите куќи. Дури и овој чекор или услов во дизајнирањето на објектите е подобар во однос на целосно игнорирачките апсолутистички објекти. Но сепак тој претставува лажен пристап, кој се граничи кич, имитација, формлизација. Во ова напредно доба, неможеме да си дозволиме површен пристап, во овие историски јадра кои се создавале со векови, во кои се вткаени високи вредности. Неможе по секоја цена да се појави еркер, тој не служи само за декорација. Еркерот во минатото се појавувал поради точно одредени причини, на соодветно место, на соодветен начин, да ја зголеми станбената површина на катот, да го исправи неправилниот простор, да се добијат нови орентации во куќите наредени во низ. Новите интервенции треба да се базираат на подлабоки приципи кои во целост ја одразуваат просторната конфигурација, мстеријализација и конструктивната логика на традиционалната македонска архитектура која научно е проучена и систематизирана во соодветните установи.


Заштита и развиток на традиционалните градови како културно наследство и цивилизациска придобивка од прв ред.

Појавата на цивилизацијата се истоветува со појавата на градовите
Бидејки градовите претставуваат огромна цивилизциска придобивка, културно и градителско наследство, нивната заштита или нивниот развиток е од големо значење. Постојат повеке начини како да се зачуваат тие трајни надвременски цивилизсиски придобивки и вредности но главно би ги издвоиле следниве:

1. Постапка на замрзнување на постоечките традиционални градови: реставрација, реновација, реконструкција на веке исчезнати градби, адаптација и пренамена.
Оваа постапка подразбира автентично зачувување на структурата на старите градови онаква каква што е, доколку до тој момент во голема мера не е нарушен историскиот и автентичен карактер на градот. (случај со повеке исторски градови во Италија: Сиена,)

2. Континуитет во развитокот на традиционалните градови

Оваа постапка подразбира континуитет во развитокот на традицоналните градови реализиран преку современи методи, почитувајки ги принципите на просторно организирање, веќе постоечкиот идентитет, начини на конфигурирање, етички правила, трансформација реинтерпретирана на современиот јазик на архитектурата, користејќи ги достигнувањата во науката , филозофијата и архитектурата. Овој пристап подразбира примена на технолошките достигнувања, современ пристап во организирање на просторот, земајки ги во предвид изменетите општествени и социјални услови како и промената на структурата на семејството, употребата на современи материјали и конструкции, притоа секогаш базирајки се на принципите на традиционалните градови и архитектура.

Традиционалните градови а особено традиционалната македонска архитектура се базира на принципи кои можат да се доведат дури до научно ниво поради нивниот егзактен карактер. Традиционалната македонска куќа се заснова на такви принципи и концепти на просторно организирање што речиси се израмнува со принципите на Модерната во 20-те години на 20 век кои ги воспостави големиот архитект Ле Корбизје кој наводно поминал низ овие простори на неговото почетно истаржувачко патување низ ориентот, судејки според неговите скици и записи.

Допирните точки помеѓу традиционалната македонска куќа и современата архитектура честопати се разгледувани во наукта и се потврдувани преку опипливи докази. Неминовни принципи, или начини на организирање на просторот кои се заеднички за двете би ги издвоиле следниве: слободен план, просторен пат, двоетажни простори, мултифункционални единици и др.







Слободниот план подразбира дека секое ниво има различна организција на планот независно од другите Во традиционалната македонска куќа тоа е постигнато со помош на масивното камено приземје и флексибилните и лесните катови од дрвена скелетна конструкција кои го менуваат својот облик и начин на организација на просторот.
Просторниот пат без сомнение е истовремено присутен во македонската куќа и објектите на Ле Корбизје како и современата архитектура денес, подразбира просторно поврзување на на флексибилната организација во една целина со помош на скалите кои го менуваат своето место и правец и облик овозможувајки му на човекот просторно искуство и целовито осознавање на просторот во кој живее.
Двоетажните простори многу често се употребувани во традиционалната македонска архитектура, иако тие имаат чисто квалитативен карактер. Во средини како што е Охрид каде градот имал ограничен урбан раст со помош на градскиот ѕид, каде густината постепено се зголемувала, каде парцелите се сведувале на минимум, каде употребната станбена површина е од огромно значење напротив се јавуваат двовисински простори.Улогата на двовисинските простори најверојатно се состои во зголемена аерација, просторно поврзување на различните нивоа, зголемено осветлување на просторот и др.
Чардак - мултифункционална единица која истовремено претставува дневен престој, исхрана, спиење, работа,комуникација или преоден простор - јадро на куќата




Специфичните особености се изразени преку просторната организација и употребените материјали и конструкции : масвното носиво камено приземје и леснте флексбилни катови изведен од дрвена бондручна конструкција овозможуваат променлвост во организацјата на секое ниво - слободен план, како и просторно движење со помош на скалите кои постојано го менуваат своето место во планот, се прекршуваат менувајки го својот правец и облик овозможувајки совршено просторно совладување на просторот - просторен пат.

Горенаведените елементи и принципи на просторно организирање поради нивниот егзктен карктер можат да се земат како основа при креирање на таканаречен Специјален детален урбанистички план за традиционални средини притоа почитувајки ги конструктивната логика, начин на конфигурирање на градот, векепостоечкиот идентитет, етичките правила кои некогаш постоеле и биле референтни за конкретната традиционална средина. ( Во минатото во одредени средини во Македонија доколку некој одлучил да ја продава својата куќа, постоело непишано правило тој најпрво да му ја понудел на својот најблизок сосед. Доколку тој несакал да ја купи тогаш соптвеникот ја продавал на друг човек само под согласност на неговиот сосед. Сето ова може да се регулира со закон во идниот план.)

Во науката традиционалните македонски градови и архитектура се доволно проучени и систематизирани така што тие истовремено имаат и свои особености и специфичности за секој поединечен град како и свој заеднички имеменител. Од друга пак страна допирните точки и заедничките принципи на организирање на просторот со Модерната а со тоа и современта архитектура придонесува традиционалнта македонска архитектура да се реинтепретира на современ јазик, користејки соодветни материјали и конструкции. На пример конструктивната логика на масивно камено приземје и лесен флексибилен дрвен скелетен кат може да се реинтепретира на современ јазик преку употреба на бетон за приземјото И флексибилна скелетна метална конструкција за катовите а сето тоа да биде регулирано со закон. Дрвото како ефтин и еколошки материјал како и другите природни материјали ни најмалку не изостануваат во денешната современа архитектура, туку напротив уште повеќе се фаворизираат.



No comments:

Post a Comment